Голема градежна механизација на “Гранит Балкан консалтинг” копа во длабочина од 14 метри веднаш до болницата што ја градиме, така што целиот објект е доведен во прашање. Постои голема опасност хотелот “Панорама”, кој треба да прерасне во болница, да се урне. Ова вчера на прес-конференција го изјави Јуксел Чалишкан, менаџер на проектот на “Алман Хастенеси” турскиот инвеститор кој пред две години реши да гради болница на Водно. Државното земјиште непосредно зад болницата, од неразјаснети причини премина во приватни раце, рече Чалишкан, по нашето купување на хотелот со цел да се профитира на незаконски начин. Турскиот инвеститор објави дека веќе се обратил до Антикорупциската комисија, Јавниот правобранител, Владата и сите надлежни институции со цел да им се дозволи да го довршат започнатиот проект вреден 32 милиони евра.
Иако во прв наврат, инвеститорот не сакаше да го каже името на “уривачот” тој рече дека сопственикот на земјиштето, кој подоцна го посочи дека е Орце Камчев, кого неодамна првпат го сретнал во живот, сам дошол кај него и ветил дека ќе му го отстапи зелениот појас. Наместо тоа, тој продолжил со уривањето и поткопувањето на темелите, со што сериозно го загрозил објектот на “Панорама”, кој треба да се пренамени во болница. Чалишкан рече дека тие се дојдени како инвеститори на покана на бившиот и сегашниот министер за здравство и немаат намера да заминат оттука, иако очигледно дека рокот за пуштање на болницата, овој август, ќе биде пробиен. На прашањето дали е вистина дека на турскиот газда на Германската болница му се нудело во компензација да се откаже од “Панорама” и да му се даде Градска болница во замена, Јуксел Чалишкан енергично рече дека тие тука не се дојдени за пазарлак и не прифаќаат никаков друг објект освен овој што го купиле.


Виолета ЦВЕТКОВСКА