Тропската убавица орхидејата долго е сметана за цвет достапен само за професионалците, оние кои со најголем жар се грижат за билките. Меѓутоа во поново време се појавија многу сорти кои добро успеваат во собни услови и тоа најдобро на даската на прозорецот. Тие ги восхитуваат сите, и најголемите вљубеници во цвеќето, но и оние што не се толку обземени од убавината и грациозноста на орхидеите. Познати се по оригиналните цветови во различен облик и боја. Цветаат долго, по неколку недели дури и месеци. По своите барања сите орхидеи се слични. Со исклучок на пафиопедилумот, типичен претставник “од земјата”, од југоисточна Азија, повеќето орхидеи се епифитни билки кои растат на дрвјата на недопрените шуми. На обична земја нивните месести корени, кои сакаат воздух, брзо гнијат. Затоа на орхидеите им е потребен специјален водопропустлив супстрат, кој е најдобро да се купи како готова смеса. Собната температура добро ја поднесуваат, освен кога се наоѓаат во близина на изворот на топлина. Идеално место е да ги чувате на прозорецот. Влагата на воздухот може да се поправи со поставување чаша вода во близина на саксијата. На билките им годи оросување со мека вода кога се на собна температура и тоа најдобро во утринските часови, за земјата и листовите до вечер да се исушат. Колку често ќе се залеваат орхидеите зависи од видот и кое време е во годината. Во зима, по правило, тоа треба да го правите еднаш неделно, а во лето во зависност од температурите и осветленоста што почесто. Но, важно е земјата меѓу две полевања да се исуши. Коренот на орхидејата е многу чувствителен на појава на сол. Затоа е важно од пролет до есен за прихранување да користите специјални ѓубрива. Повеќето орхидеи сакаат мали саксии. Постојат околу 3800 видови орхидеи, кои живеат во деловите под Екваторот, еве неколку попознати. Повеќето сорти цветаат во зима и на пролет. Во зима треба да се чуваат во просторија во која температурата е 12-14 степени и малку да ги залевате.
ФАЛЕНОПСИС (PHALAENOPSIS)
За овој вид орхидеи карактеристичен е долгиот период на цветање, дури неколку месеци. Сакаат топлина и затоа и одговараат простории кои се загреваат. Од основниот вид потекнаа многу чудесни сорти.
МИЛТОНИЈА (MILTONIA)
Цветови со убави форми. Овие орхидеи добро поднесуваат собна температура и долго цветаат. Им одговара многу светлина, но не и директно сонце. Наместо полевање, билката е добро еднаш неделно да ја потопите во топла вода, а во периодот додека расте, еднаш месечно прихранувајте ја со ѓубриво за орхидеи.


ЦИМБИДИУМ (CYMBIDIUM) Овие цветови имаат многу убав восочен сјај и кратки листови. Билката брзо оформува нови корени, поради што и одговара поголем сад. Во лето може да се држи надвор во сенка и редовно треба да се потхранува. На такво место може да остане до доцна есен, бидејќи ниската температура го стимулира цветањето.
ПАФИОПЕДИЛУМ (PAPHIOPEDILUM)
Лесно се познаваат по цветовите, кои потсетуваат на дамска папуча и траат неколку недели. Секој нов израсток оформува листови и цветно стебло. Се појавуваат дури после прецветувањето на претходните, обично за година или две.
ФРАГМИПЕДИУМ (PHRAGMIPEDIUM)
Меѓу орхидеите од овој род се појавија сорти кои одлично можат да се одгледуваат во соба. Слични се на пафиопедилумот, но на едно цветно стебло отвораат еден по друг неколку цветови. Им годи честото залевање, секој два-три дена. Се пресадуваат еднаш годишно.