Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, денес го критикуваше како „апсурден и перверзен“ предлогот на Европската комисија за фондот за закрепнување од последиците од кризата од коронавирус, со кој се издвојуваат големи средства за релативно добростоечките земји.

Мислам дека финансирањето на богатите со пари на сиромашните не е добра идеја – рече Орбан во интервју за државното радио „Косут“.

Европската комисија предложи да се соберат 750 милијарди евра, а средствата да бидат дистрибуирани во форма на грантови и заеми на земјите од ЕУ за закрепнување од кризата.

Италија со 172,7 милијарди би имала најголема корист од планот, по што следат Шпанија со 140,4 милијарди и Полска со 63,8 милијарди, според податоците на Комисијата, во кои имал увид Политико.

Унгарија може да добие 15 милијарди евра, од кои осум милијарди грантови, а околу седум се заеми.

Ситуацијата е таква што новиот систем на дистрибуција што ни го претставија е апсурдно и перверзно решение, затоа што им дава повеќе ресурси на богатите отколку на сиромашните – рече Орбан.

Тој додаде дека предлогот на Комисијата треба да се изучува и изрази загриженост поради учеството на Унгарија во заедничко задолжување на финансискиот пазар во толку големи размери.

Предлогот, објасни тој, би значело дека унгарските граѓани мора да преземат одговорност за отплата на долговите на Грција, Италија или Франција и да го вратат ако не можат.