Железничката станица во Скопје е во општ хаос. Руинирана, несредена, валкана ни оддалеку не личи на главен сообраќаен јазол што треба да го има една метропола. Патниците или граѓаните кои ги испраќаат или дочекуваат своите блиски велат дека уште на самиот влез во станицата се чувствуваат како да се во хорор-филм. Од сите страни дува, ескалаторите не работат, ниту пак има лифтови, а не е овозможен ниту пристап за хендикепираните кои не можат сами да се качат до пероните.

Не е подобра сликата ниту во чекалницата која е единственото место каде што патниците можат да седнат, но не и да се напијат чај или кафе или да купат нешто за јадење или за освежување како на железничките станици по светските метрополи.
– Станицата изгледа многу лошо. Кога доаѓам во Скопје на гости им се јавувам половина час порано да ме пречекаат, бидејќи ми е страв да чекам сама. Од сите страни дува, има ѓубре насекаде и воопшто нема каде да купиш нешто за да се освежиш, вели една патничка.

Од Министерството за транспорт и врски потврдија дека станицата ќе се реконструира наредната година. Оттаму додаваат дека е предвидена реконструкција според најдобрите искуства во Европската унија, а проектот ќе чини 2,9 милиони евра и ќе биде финансиран со средства од ИПА-фондовите за претпристапна помош, како и од буџетот на Македонија. Од ресорното министерство информираат дека Железничката станица е изградена во почетокот на осумдесеттите години и во изминатиов период нејзиното одржување не било на соодветно ниво.
– Во рамките на проектот за рехабилитација и надградба на Железничката станица во текот на оваа година е предвидено да се избере консултант за подготовка на досие за градежни работи, вклучувајќи и подготовка на основен и изведбен проект според бараните европски стандарди за пристапност, безбедност и сигурност, како и стандардите за информирање на патниците. Потоа ќе почне јавна постапка за изведување на градежните работи, рече Драган Симоновски, портпарол во Министерството за транспорт и врски. Тој додаде дека при реконструкцијата на станицата ќе се внимава на подобрување на пристапноста до неа, особено на лицата со инвалидитет и намалена подвижност, а ќе се реконструираат и деловите за подобра безбедност на патниците.
– Се предвидува инсталирање на нов информациски систем за сигнализација и информирање на патниците. Проекциите предвидуваат градежните работи за реконструкција на Железничката станица да почнат во почетокот на 2012 година и да завршат до средината на 2013 година, информираше Симоновски.

(А.И.)
Фото: Н. Батев