Пратеници од Европскиот парламент продолжуваат со осуда на опозициската СДСМ за бојкот на претстојните локални избори во Македонија. Едвард Кукан, Моника Маковеј и Туне Келам, истакнати европарламентарци, во изјави за МИА им се приклучија на нивните колеги Ричард Ховит, Елмар Брок и Дорис Пак, посочувајќи дека потегот на партијата на Брнако Црвенковски само и штети на државата и ја оддалечуваат од евроинтеграциите. Пратеникот во германскиот Бундестаг од редовите на Либералите, Рајнер Штинер, пак, за Дојче Веле оценува дека последните случувања во Македонија се лош сигнал за демократијата и европската иднина на земјата.
– Ова е многу лош сигнал за демократијата и европската иднина на земјата. Донесувањето на одлуките, во сите парламентарни демократии го решава мнозинството од гласовите на пратениците од власта и опозицијата. Неучеството на опозицијата на локалните избори не е вистинскиот одговор, доколку опозицијата е незадоволна од потезите на власта. Практично бојкотот и неучеството на локалните избори говори дека Македонија се наоѓа во длабока државна криза и не е способна да владее со сопствениот политички систем. Не гледам причина за нови парламентарни избори. Доколку се сака да се излезе на мегдан еве ги локалните кои се вистинската можност. Опозицијата со своето однесување ја направи земјата дисфункционална, што е исклучително лош знак за очекуваниот датум за почеток на пристапните преговори и македонската иднина во ЕУ, коментира Штинер за Дојче веле.
– Бојкотирањето на изборите не е одговорна опција и јас сум убеден дека Македонците заслужуваат шанса да имаат избор меѓу конкурентските политички алтернативи, вели словачкиот пратеник од Европските народни партии, Едвард Кукан.

Кукан смета дека би било жално ако сегашната ситуација го загрози понатамошниот напредок во процесите на интеграција во Унијата и верува дека политичките лидери ќе покажат одговорност и низ политички дијалог ќе се најде решение.

Романската европратеничка Моника Маковеј, пак, вели дека сите политички партии треба да работат заедно на реформите што се неопходни за напредок на земјата кон Европската унија и за користа на македонските граѓани.
– Апелирам до опозициските политичари да стават крај на парламентарниот бојкот, да го продолжат дијалогот и да гарантираат нормално функционирање на Собранието заедно со нормално организирање на претстојните локални избори, посочува Маковеј, која е ексминистер за правда во романската Влада.

Естонскиот пратеник во ЕП, Туне Келам, кој неодамна беше дел од делегацијата на Европарламентот што го посети Скопје, исто така реагира на ригидната одлука на најголемата опозициска партија.
– За жал, одлуката на СДСМ да не учествува на локалните избори и да продолжи да бара предвремени парламентарни избори се чини дека покажува селективен пристап кон парламентарната демократија. Не можеш да бираш избори по своја желба, зависно од нивниот резултат. Ова е многу несреќен избор и и сериозно може да им наштети на позитивните резултати што Македонија ги има постигнато со заедничките напори на различните политички сили, дециден е Келам.

Туне Келам се уште има надеж дека е можно да се најде излез од оваа ситуација.
– Уште еднаш го повторувам нашиот апел, а тоа е дека се уште не е премногу доцна за да се постигне ново национално разбирање во интерес на Македонија, но и на Европа која чека вашата земја да му се приклучи на нашето семејство, а со тоа и демократски избраниот парламент да продолжи со нормалната работа и целосно да се почитуваат изборите кои се предвидени со Уставот, вели Келам.

Силни осуди за бојкотот на СДСМ на изборите се јавија и претседателот на Комитетот за надворешни работи на ЕП, Елмар Брок, известувачот за Република Македонија од европскиот законодавен дом, Ричард Ховит, како и пратеничката Дорис Пак.