Официјални претставници на Обединетите нации проценуваат дека по катастрофалниот удар на ураганот Доријан на Бахамите, ќе биде потребна храна за повеќе од 60.000 луѓе.

Портпаролот на Светската програма за храна, Херве Верхосел, истакна дека нивниот тим е подготвен да помогне на Владата на Бахамите да ги процени штетите и да одреди приоритети по страшното невреме.

Прелиминарните пресметки покажуваат дека потребна е храна за 45.700 луѓе на Големиот Остров, и за уште 14.500 во соседните острови Абако, пренесува агенцијата АП.

Истовремено, портпарол на Меѓународната асоцијација на Црвениот крст и полумесечина истакна дека за 62.000 луѓе ќе биде потребно да имаат пристап до чиста вода за пиење.

Според проценките, на островите се уништени околу 45 отсто од домовите, а организацијата ќе им помогне на 20.000 најзагрозени лица.

Најмалку пет лица загинаа на островите Абако на Бахамите по ударот на ураганот Доријан што се движи кон источниот брег на САД, каде се евакуирани над милион жители.

извор: Makfax