Вработените во ОКТА ќе добијат по 150 евра еднократен бонус бидејќи Рафинеријата лани остварила најголема добивка од 11,2 милиони евра во досегашното седумгодишно работење. Компанијата ќе одвои 150.000 евра за околу 1.000 вработени. Оваа одлука била донесена на генералното Собрание на акционери, кое се одржа завчера. На собранието, претседателот на Одборот на директори на ОКТА, Михаил Мириантис најави дека компанијата ќе го зголеми своето присуство во малопродажната мрежа. “Вечер” дознава дека Рафинеријата планира да го продолжи бизнисот со ребрендирање на приватни бензински пумпи и сериозно да им конкурира на рускиот Лукоил и Макпетрол. ОКТА досега ребрендираше три бензински пумпи.
Мириантис најави дека на 1 јуни официјално ќе ги промовира активностите за ширење на компанијата на пазарот. По разгледувањето на финансиските резултати за ланската година, акционерите одлучиле да ја прогласат за најдобра откако стратешкиот инвеститор Хеленик Петролеум го презеде управувањето со Рафинеријата во 1999 година. Продажбата на горивата била зголемена за 59 проценти и изнесува 387 милиони евра, а заработувачката пред оданочување била 15 милиони евра. Сепак, од компанијата нагласуваат дека приближно 50 проценти од заработувачката е реална.
На Собранието, главниот извршен директор на ОКТА, Јоанис Психогиос најавил изградба на нова постројка за производство на сулфур, со која ќе се намали емисијата на сулфур диоксид во воздухот. Оваа инвестиција ќе чини 8,5 милиони долари. Годинава, ОКТА планира да направи физибилити студија за реконструкција на постоечките и изградба на нови постројки, кои ќе и овозможат да произведува нафтени деривати во согласност со европските стандарди. Компанијата на домашниот пазар продала 634 килотони нафтени деривати, што е за 8 проценти повеќе од 2004 година, а извозот бил зголемен за 57 проценти во споредба со 2004 година. Низ нафтоводот Солун-Скопје биле транспортирани 961 килотон сурова нафта, што е за 16 проценти повеќе од 2004 година. (Р.Ј.Н)