Од средината на идниот месец ќе биде отворена веб-страница со детални информации за најмалку 400 моментно неискористени хали и објекти во Македонија кои наскоро ќе бидат ставени во функција и ќе им бидат на располагање на потенцијалните инвеститори. Според премиерот Никола Груевски, станува збор за проект што Владата го подготвува неколку месеци, а целта е да им овозможи на вложувачите комплетни податоци за расположливите капацитети веднаш, на едно место, без да талкаат по шалтери и најразлични служби.
– Најголем број од инвеститорите градат нови капацитети зашто не знаат дека располагаме со објекти кои во моментов од различни причини не се во функција, а може да се искористат со мали интервенции, особено во однос на правната состојба која кај дел од нив е сложена – рече Груевски.
Интернет-страницата ќе биде во рамки на Агенцијата за привлекување инвестиции.