Спојувањето на „Дојче банк“ и на нејзиниот ривал „Комерцбанк“, гледано на долг рок, може да резултира со укинување на дури 30 000 работни места, изјави претставникот на германскиот синдикат „Верди“ и член на Надзорниот одбор на „Дојче банк“, Јан Душек.

Најголем дел од 30 000 ранливи позиции се наоѓаат во Германија, истакна Душек, а пренесе агенцијата „Ројтерс“.

На краток рок, во опасност се околу 10 000 работни места, додаде тој.

„Според наше мислење, потенцијалното спојување нема да резултира со бизнис-модел што е одржлив на долг рок“, посочи Душек.

Жестокото противење на синдикатите во врска со најавеното спојување на двете најголеми германски банки дојде откако банките во неделата ги потврдија преговорите за спојување.

Во меѓувреме, акциите на „Дојче банк“ скокнаа за 3,4 проценти, а на „Комерцбанк“ за 4,0 отсто.

Надзорните одбори на двете банки ќе се состанат в четврток, кога најверојатно ќе разговараат за спојувањето, наведува британската агенција.

извор: Makfax