Брод со повеќе од 780 азилaнти, кои беа сместени во камп на грчкиот остров Лезбос, денес пристигна на солунското пристаниште.

Тоа е втор брод што пристигна во Солун за помалку од 24 часа, а со кој се префрлени мигранти од кампот Морија, како дел од владините напори да се справат со пренатрупаните бегалски кампови и големиот број луѓе кои пристигнуваат од блискиот турски брег.

На првиот брод имало повеќе од 630 луѓе, претежно семејства од Авганистан.

Тие ќе бидат сместени во камп во Неа Кавала, каде што веќе има 1.000 сириски мигранти.

Абдул Тамим Азими (24) од Авганистан вели дека минал девет ужасни месеци во Морија и дека се радува што е префрлен во нов камп.

„Ситуацијата беше многу лоша. Секој ден имаше тепачки за вода, храна, за сè“, изјавил Азими за новинската агенција АП.

Околу 1.000 мигранти ќе бидат сместени во Неа Кавала, каде што ќе престојуваат во шатори до крајот на месецот, а потоа ќе се преселат во нов камп кој е во изградба.

Останатите ќе бидат распоредени во другите прифатни центри во северна Грција.

извор: Makfax