Лидерот во првенството во Формула 1, Шпанецот Фернандо Алонсо може да очекува рекорден број љубители на овој спорт на шпанската Гран-при трка, што ќе се вози на 8 мај, бидејќи билетите се веќе продадени. Три недели пред викендот на Формула 1 во Каталонија, организаторите најавуваат дека трката ќе ја следат околу 115.000 гледачи. Ова се нема случено од дебито на Формула 1 во Шпанија во 1951 година. Алонсо победи на последните две трки и ќе се обиде да го повтори успехот на Гран-при трката на Сан Марино, наредната недела. Дури и ако не успее да освои поени во Имола, 23-годишниот Алонсо, сепак, ќе води во првенството пред трката во Барселона. Тој има 26 поени и е на првото место пред Јарно Трули, кој има освоено 16 поени. Седумкратниот шампион Германецот Михаел Шумахер со Ферари од три трки има освоено само два поена. Повеќе од 100 000 гледачи ја следеа минатогодишната трка, на која победа славеше Шумахер.