Во Кометал Ѓ.П. до 2008 г. Јелиз Озел Јелиз Озел, нашиот “џокер” во второто полувреме на првиот полуфинален натпревар во Лигата на шампионите во Виена, со австрискиот гигант ХИПО, ќе игра и на реваншот в сабота во “Кале”. Озел, која со своите луцидни проигрувања во нападот и ефектни погодоци направи пресврт, пред самиот крај на средбата незгодно згази со левата нога на една од ракометарките на “банкарките” и беше изнесена од паркетот. За сегашната состојба на повредата на Озел и дали ќе игра на реваншот со ХИПО, д-р Маја Неделковска, вели: – Во прв момент мислевме дека повредата на Озел на глуждот на левата нога е сериозна, поради силни болки. Меѓутоа, по средбата и по враќањето во Скопје, утврдивме дека нема оток на ногата. Таа деновиве ќе биде на интензивен третман и сигурно ќе настапи на реваншот со ХИПО. Во меѓувреме Озел го продолжи договорот со клубот и дресот на Кометал Ѓ. Петров ќе го носи до 2008 година. Уште една интернационалка во редовите на Комтал Ѓ. Петров подолго време ја нема во составот. Тоа е Украинката Оксана Рајхел, која игра на левокрилната позиција. Таа го повреди коленото на ОИ, во септември, лани во Атина. По оперативниот зафат и подолга рехабилитација, Рајхел од пред еден месец е во тренажен процес. Според лекарот на ѓорчепетровки, Неделковска, “таа му дала зелено светло на Портној да ја вклучи во тренажниот процес, но има доста загубено и прашање е дали ќе игра со ХИПО”. (В.П.)