Јелиз Озел (25), турската интернационалка во редовите на македонскиот женски ракометен првак Кометал Ѓ.Петров и финалист во годинашниве натпревари во Лигата на шампионите, по дводневните испитувања во болницата “Мала Богородица” – Систина, вчера доцна попладне требаше да биде подложена на оперативен зафат. Завчера, пред претпладневниот тренинг, Озел почувствувала болки во стомакот, а по прегледот кај клупскиот лекар д-р Маја Неделковска била пренесена во болницата “Систина”, каде било утврдено дека има проблеми со гениталните органи. Според лекарите, оперативниот зафат не е од посериозна природа и се ќе биде во ред со неа. Озел според лекарите треба да мирува седум до десет дена, а потоа може да тренира. Меѓутоа, неизвесно е дали таа ќе биде во составот на Кометал Ѓ.Петров на првиот финален натпревар во ЛШ на 14 мај во Брондби против актуелниот европски првак, данскиот Слагелсе. Нејзиното неиграње може да биде голем хендикеп за екипата, бидејќи таа, во полуфиналето, на двете средби со деветкратниот европски шампион австрискиот ХИПО, на гости и дома, беше централна фигура. Кога не му одеше на Кометал Ѓ.Петров таа беше двигател на неговата игра, а воедно и реализатор, со што нашиот првак по третпат се најде во финалето на ЛШ и има шанса по вторпат да ја освои европската круна. (В.П.)