Во рамките на завршните подготовки за претстојниот прв финален натпревар во Лигата на шампионите, в сабота на гости, против актуелниот европски првак Слагелсе, македонскиот женски првак Кометал Ѓ.Петров имаше две контролни средби со српско-црногорскиот прволигаш Хумел од Белград. На првиот натпревар ѓорчепетровки славеа со 30:19, а на вториот со 34:15. Тренерот Андреј Портној на двете средби ги испроба сите расположливи сили, задоволен е од учинокот на екипата, но по двата теста има добри и лоши вести од таборот на Кометал Ѓ.Петров. Добрите вести се што турската интернационалка Јелиз Озел, по оперативниот зафат пред десетина дена, играше едно полувреме против Хумел, и во одбраната и во нападот и, според тренерот Андреј Портној, таа е способна да игра против данскиот Слагелсе в сабота во “Брондби Хале”. Исто така, пријатна вест е што во екипата, по подолго време, исто така, заради оперативен зафат, се враќа левото крило, Украинката Оксана Рајхел. Таа играше на двете средби и беше меѓу најефикасните. Лошата вест е што Јулија Партенко ја обновила повредата на коленото, па, иако ќе патува со екипата за Копенхаген, според Портној, најверојатно, нема да игра. Инаку, на двете средби со Хумел, Кометал Ѓ.Петров играше во две изданија. На првиот натпревар настапи со најдобрата постава, најефикасни беа Боева и Бујанова со по 6 голови, а на реваншот играа помладите и најдобри стрелци беа Златановска со 6 и Рајхел со 4 погодоци. Синоќа, според информациите од канцеларијата на Кометал Ѓ.Петров требаше да биде монтирана новата подлога што ја наложи Европската ракометна федерација, во “Кале” да има ламинат. Па, така, денеска (11 ч.) ѓорчепетровки во реваншот од полуфиналето на плеј офот со Олимпик ќе играат како во Копехаген против Слагелсе. (В.П.)