Мажот кој беше позитивен на новиот коронавирус по патувањето во Италија, е отпуштен од болницата во Москва откако оздравел, јави руската новинска агенција „ТАСС“.

Според московскиот градоначалник Сергеј Собјанин, лекарите на 2 март потврдија дека еден жител на Москва е позитивен на новиот коронавирус откако престојувал во Италија.

Заменичката на градоначалникот Анастасија Ракова вчера изјави дека пациентот оздравел и наскоро ќе биде отпуштен од болница.

Смртоносниот вирус кој предизвикува пневмонија наречен Ковид-19 се појави во кинескиот град Вухан кон крајот на декември минатата година. Светската здравствена организација (СЗО) избувнувањето на коронавирусот го прогласи за меѓународна вонредна здравствена состојба.

Покрај Кина, најголем број заболени засега има во Јужна Кореја, Иран и Италија.

извор: Makfax