Ова денеска го истакна министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири на конференција „Состојбата со водостопанската инфрастуктура”, што денеска и утре ќе се одржува на Градежниот факултет во Скопје. Организатор е здружението Македонски комитет за големи брани.

– Во периодот од 1938 до 2014 година во Македонија изградени се 41 голема брана и 120 пониски брани. Хидросистемите составени од брани и водни акумулации, како и хидројаловиштата покрај големото позитивно влијание за развојот на Македонија претставуваат градежни објекти со најголема потенцијална опасност за околината, рече министерот Изаири.

Тој информира дека во текот на 2014 година Комисијата за брани во соработка со Министерството изврши теренски увид на 43 брани во државата.

– Моменталната сигурносна состојба на браните со придружните објекти е алармантна за четири брани Слатино, Пишица, Глажња и Липково, а критична за пет брани Вратница, Отошница, Селемли, Петрашевет и Водоча кои треба ургентно да бидат санирани, потенцира Изаири.

Тој додаде дека во 2013 година браната Слатино претрпе делумно разрушување, како и браната Пишица за кои, како што рече, Министерството презеде мерки во однос на изработка на техничка документација за санација на браната Пишица.

За 12 брани (Козјак, Маврово, Шпиље, Глобочица, Лисиче, Градче, Кнежево…) се со оштетувања и се препорачува нивна санација на подолг временски рок.

– За 19 брани се потребни одредени санациски работи. Во моментот квалитетот на одржување на браните е незадоволителен бидејќи 20 брани (47 отсто) од 42 брани опфатени со теренски увид не се одржуваат на начин како би се очекувало за вакви стратешки објекти. Шест брани се буквално препуштени сами на себе, а исто толку се запоставени до ниво што ги прави ранливи со неприфатлив ризик за околината. Тоа ни беше сигнал дека е потребно наредниов период да се предложат активности во насока на подобрување на ефикасноста за работењето и функционирањето на водостопанските системи, рече Изаири.

Во текот на 20915 година се донесе Закон за водостопанство со цел формирање на акционерско друштво кое ќе биде надлежно за зајакнување на капацитетите и спроведување на идните активности во рамки на Секторот водостопанство.

Браните да бидат секогаш во одлична кондиција

Професорот Љупчо Петковски, претседателот на Организацискиот одбор на конференцијата и на Здружението Македонски комитет за големи брани нагласи дека од една страна браните се многу значајни за Република Македонија, а од друга страна се градежни објекти кои можат да претставуваат огромна потенцијална опасност и токму затоа е барањето тие секогаш да бидат во врвна или одлична кондиција.

– За санација се потребни огромни средства кои честопати ги надминуваат можностите на водостопанските претпријатија кои ги користат акумулациите и се формирани со нивната градба, рече Петковски.

На конференцијата учествуваат експерти од оваа област од Македонија, Словенија, Бугарија, Хрватска и од Косово.