Стотина туристички автобуси денеска го блокираа сообраќајот во Рим во знак на протест поради планот на градските власти на автобусите да им се забрани пристап во центарот на градот како мерка за намалување на загадувањето и бучавата која треба да стапи на сила на 1 јануари.

Возачите и менаџерите на автобуските компании се жалат дека новата одлука ќе ја оштети клучната економска гранка на градот – туризмот и негативно ќе влијае на продавниците и рестораните.

Властите, пак, велат дека мора да се преземе нешто за намалување на загадувањето на воздухот и како и за да се спречи оштетувањето на древните споменици како Колосеумот и Форумот, а помалку автобуси ќе значи и поголема безбедност за пешаците.

Новиот план го дели Рим на три зони. Во црвената зона, каде се наоѓаат клучните споменици како Фонтана ди треви, целосно ќе им биде забранет пристап на автобусите, освен на оние со специјална дозвола. Во зелената зона, која го вклучува Ватикан, ќе бидат обезбедени повеќе паркинг места за туристички автобуси од каде што пеш или со јавен превоз ќе може да се стигне до црвената зона. Жолтата зона, пак, е предвидена за неколкучасовно паркирање на автобусите.

извор: Makfax