Од 1 март годинава парното за корисниците на топлинската енергија од топланите Центар, Запад и Исток ќе се намали за 13,26%, а за корисниците на услугите од Топланата Скопје Север за 14,92%. Ова е предлог-одлуката на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) којашто е доставена до производителот Балкан енерџи груп”, а која дополнително ќе биде разгледана до крајот на месецот.

Како што објасни Димитар Петров, претседател на РКЕ, намалувањето се должи на падот на цената на природниот гас од 1 јануари годинава за 17,6%.
– Природниот гас учествува со 70% во формирањето на цената на топлинската енергија, а 30% отпаѓа на мазутот. Бидејќи Балкан Енерџи Груп” во производството на топлинската енергија користи повеќе природен гас, намалувањето на парното е реалност – смета Петров. Според него, вонредната корекција на цената на парното се должи на новите правилници за топлинска енергија, според кои можни се корекции на топлинската енергија и на месечна основа.

Како што појасни Петров, поевтините сметки за парно што граѓаните ги добија за месец јануари се должи на топлото време. Што се однесува за иницијативата на Балкан Енерџи Груп” да го продолжи греењето за два часа, Петров вели дека тоа не треба да има влијание на крајната сума на сметката што граѓаните треба да ја платат, бидејќи компанијата самоиницијативно го врши зголемувањето на времето на греење и тоа треба да биде бесплатно.
– Ставот на регулаторите е се што можат да направат во интерес на подобрувањето на квалитетот на испорачаната топлинска енергија, а да не е на товар на потрошувачите е дозволено – укажува Петров.

За евентуалните забелешки на потрошувачите што ги имаат на сметките што ги добиваат или на начинот на греење, Петров информира дека тие можат да покренат барање пред РКЕ која ќе ги провери и ќе донесе одлука

Тој потсети дека во декември минатата година 85% од корисниците на парно добија 0 денари на своите сметки и на исто толку Топлификација” треба да им врати пари бидејќи се во претплата.
Според новиот правилник за регулирање на цените на топлинска енергија кој е усогласен со новиот Закон за енергетика, утврдувањето на цените на парното се состои од два дела: од фиксен и варијабилен кој зависи директно од трошокот на горивото. Фиксниот дел ги опфаќа оперативните трошоци и трошоците за амортизација.
– При пораст или намалување на вкупните оперативни трошоци за плус-минус 5% РКЕ имаше право на барање на операторите да интервенира кај цените на регулираните дејности. Сега е ставена одредба според која операторот на дистрибутивниот систем доставува до 15-ти секој месец вкупен износ на фактурите и цените на набавеното гориво за производство на топлинската енергија. Потоа регулаторите ги прават пресметките и утврдуваат дали има место за корекција на цената – додаде Петров.

Инаку, во февруари цената на природниот гас дополнително се намали за 3,08%. Според Правилникот, цената по којашто се набавува гасот од страна на производителот не смее да биде поголема од регулирана за увозникот Макпетрол”.

(В.Ма.)