Најмалку 550 вработени на “Македонски телекомуникации” ќе заминат од компанијата во почетокот на февруари. Ова и официјално го потврди главниот директор за човечки ресурси и право, Мартон Халаши. Според него, седумдесетина за кои е утврдено дека нивното работно место е вишок, веќе потврдно одговориле на писменото известување од менаџментот на компанијата и ја прифатиле понудената опција.
“Вработените за кои е утврдено дека се техолошки вишок, немаат избор и ќе добијат испратнина во износ од 11.000 евра. Во втората група спаѓаат вработените во секторите што комплетно ќе бидат аутсорсирани, како што се возен парк, кетеринг, одржување на објекти, дел од вработените кои беа ангажирани за продажба на пакети за резиденцијални корисници и чуварската служба. Во оваа група спаѓаат и 63 лица кои работат во телеграфската служба, која ќе се претопи во некој од другите сектори во компанијата. Овие лица ќе добијат понуда за вработување најмалку за уште две години во друга фирма, која ќе дава услуги за Телеком. Ќе ја примаат истата плата и бенифициите што сега ги имаат и ќе добијат плус и финансиски надомест од 5.000 евра”, објаснува Халаши. Според него, луѓето од првата група, по заминувањето од Телеком ќе останат невработени, додека овие од втората група имаат загарантирано вработување и плата. Покрај ваквите понуди, во насока на намалување на работните места, Телеком нуди и доброволно заминување од компанијата со финансиски надомест во износ од 7.500 евра. Но, како што вели Халаши, менаџментот го задржува правото да прифати или да одбие одредени барања, со цел да не се наруши технолошкиот процес на работа.
Со намерата за намалување на бројот на вработените, раководството на Телеком веќе го известило Синдикатот, меѓутоа оттаму се уште го немаат формално одобрено овој предлог. Моментално преговорите се замрени, вели Халаши, но менаџментот на Телеком останува отворен за нивно продолжување. Тој е дециден дека промени на висината на испратнините нема да има, освен дека ќе може да се договара делот околу идентификацијата на вработените што ќе бидат отпуштени, односно начинот на спроведување на оваа постапка.


Светлана БЛАЖЕВСКА