Македонија лани од Србија увезла разновидна стока во вредност од 300 милиони американски долари, изјавила Јасна Матиќ, државен секретар во српското Министерството за економија и регионален развој во интервју за агенцијата Бета, пренесе Нетпрес. Матиќ најавила дека Србија до крајот на септември годинава ќе го ратификува Договорот за единствена зона за слободна трговија во југоисточна Европа (ЦЕФТА) бидејќи биле отстранети сите препреки кои постоеле во трговските односи на нејзината држава со Македонија, БиХ и Хрватска.

Според Матиќ, земјите потписнички се согласиле со Акцискиот план на српската влада за тутунската индустрија, кој предвидува изедначување на акцизите за домашните и странските цигари од 1 јануари 2008 година и зголемување на царината од 15 на 57,6 проценти.

Србија, минатата година, во земјите членки на ЦЕФТА извезла стока во вредност од 1,95 милијарди американски долари, од кои во Албанија за 33 милиони, во БиХ за 749 милиони, во Црна Гора за 616 милиони, во Хрватска за 251 милион и во Модавија за 3,9 милиони американски долари. Вкупниот увоз, пак, од овие земји во Србија бил една милијарда американски долари.

Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија и Молдавија на 19 декември лани, го потпишаа договорот на ЦЕФТА, чии членки веќе беа Хрватска, Македонија, Романија и Бугарија.