Грчки “Веропулос” од вчера и официјално стана сопственик на државното земјиште спроти НБРМ. Џемали Мехази, министер за транспорт и врски, и Костадинос Теодосијадис, директор на “Веро” за Македонија го потпишаа купопродажниот договор за оваа градежна локација со површина од 10.772 квадратни метри, за која Грците платија 5,5 милиони евра.
Дооформувањето на целата парцела, која има површина од 15 илјади квадрати, ќе се решава во наредните месеци со сопствениците на околните приватни плацеви, за што од “Веро” очекуваат да платат околу 2,5 милиони евра. Теодосијадис негираше дека “Меркатор” се јавува како сопственик на некои од приватните плацеви.
“Штом се разрешат сите имотноправни односи, планираме за шест до осум месеци да ја почнеме изградбата на еден од најубавите шопинг-молови на Балканот. Најпрво ќе стартуваме со изградба на маркетот, во кој ќе бидат вработени околу 200 лица, а во целиот трговски центар вработување ќе има за околу 500-тини луѓе”, вели Теодосијадис, кој најави уште еден супермаркет во Скопје, кој за половина година треба да биде отворен во општината Чаир. (С. Бл.)