x

Од март па наваму, само лидерот во Премиерлигата ја победил Шкендија, никој друг!!!

skendija-totenhem-8-1280x640

Неверојатен податок поврзан со Шкендија, со есенскиот шампион на Македонија за тековната сезона 2020/2021. На 11 март оваа година, Шкендија дома загуби од Работнички со 0:1, во меч од минатата сезона. Потоа следуваше прекин на првенството од неколку месеци, а со фудбал се почна во јули со пријателски и во август со европски и првенствени мечеви.

Во тој период, значи од прекинот на минатата или подобро кажано стартот на новата сезона па до вчера, Шкендија одигра вкупно 24 мечеви од кои 17 првенствени, две пријателски во летниот преоден рок, две куп средби и три меча во квалификациите во Лигата на Европа. Во среда против Пелистер ќе ги одигра 25-тиот за крај на годината.

Велиме неверојатен податок зошто од март па наваму, фактички Шкендија загубила само од Тотенхем во 3.квалификациско коло во Лигата на Европа, кога беше 1:3 во Скопје. Само сегашниот лидер во Премиерлигата, само тимот на Мурињо ја победил Шкендија во овој изминат период и никој друг.

Да, точно е дека Силекс беше подобар од Шкендија во Купот, но крајниот резултат беше реми, а кратовци се пласираа во следната рунда благодарение на пеналите.

Ова значи дека и повеќе од заслужено момците на тренерот Ернест Ѓока, без разлика што ќе се случи во среда на последниот меч со Пелистер, ќе презимат како лидери.

Ако се знае дека на тие 17 првенствени мечеви тетовци имаат 11 победи, шест ремија и ниту еден пораз, освоија 39 бодови, постигнале најмногу голови, 36, а примиле најмалку, само 11, доволно зборува дека есенската титула отишла во вистински раце.

Да кажеме и тоа на последните четири меча, Шкендија победила на сите и тоа без да прими гол.

Бројки кои ја прават Шкендија во мак – фудбалот, во овие моменти, навистина неприкосновена.

Ако не загуби и од Пелистер, Шкендија ќе го повтори успехот од пролетниот дел во 2011 година, кога во текот на една полусезона не е е поразена. Во сезоните 2017/18 и 2018/19 тетовци уверливо беа прваци, но во тие четири полусезони секогаш се случувало да има барем по еден пораз.

Оваа есен, оваа полусезона најверојатно Шкендија ќе остане непоразена.

sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата