Од квалитетот зависи и откупната цена
Тутунарите треба да ги предадат договорените количини за да го зачуваат квалитетот на тутунот од што всушност и зависи откупната цена, им порача вчера на тутунопроизводителите во земјава, директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Ристо Чивчиев. Според него, тутунот не може да се откупува наеднаш и линеарно по 150 до 180 денари како што бараат производителите, бидејќи тоа е спротивно на Законот.
Советникот во Министерството за земјоделство, Алириза Елези вели дека тутунопроизводителите нема да ги добиваат сите пари што согласно со новиот закон за тутун ќе се собираат со наплаќање три денари од секоја продадена кутија цигари и десет денари од парче увезена пура. Според него, дел од тие средства ќе бидат наменети за поддршка на примарното производство и за промовирање на извозот. Елези објасни дека распределбата за тутунарите ќе се врши според програма што ќе ја дефинира Министерството секоја година зависно од висината на собраните пари и текот на откупот, но додаде дека е се уште рано да се зборува за конкретна сума што како поддршка треба да ја добијат тутунарите.
Во врска со состојбата во прилепскиот Тутунски комбинат во кој се уште не е почнат откупот, Чивчиев рече дека комбинатот моментно ги собира потребните средства и ги подготвува просториите за преземање на тутунот. Портпаролот на МЗШВ, Соња Трајкова информира дека откупот се врши на 80 од 85 пунктови во земјава и тоа по просечна цена од 133,9 денари за килограм. Според неа, досега не се утврдени неправилности при откупот, ниту некој од производителите поднел жалба по однос на проценката на квалитетот на тутунот или понудената цена. Инаку, заклучно со 26 овој месец се откупени околу 6,5 милиони килограми тутун или 20 отсто од вкупно планираните количини. (С. Бл.)