Околу 200 вработени во Телеком, што компанијата има намера да ги отпушти од работа на почетокот на наредната година, покрај надоместокот од 11.000 евра ќе добијат од државата и дополнителна испратнина од една до најмногу шест просечни плати на ниво на Републиката, во зависност од стажот. Ваква испратнина не им следува на 350 телекомци, кои ќе бидат префрлени да работат во други компании што ќе даваат услуги за Телеком, бидејќи нивниот статус на вработени ќе продолжи и натаму. Новиот Закон за работни односи предвидува испратнини само за оние вработени кои ќе бидат прогласени за технолошки вишок и кои потоа ќе се најдат на списоците на Агенцијата за вработување.
Иницијативата за намалување на бројот на вработените во компанијата во 2006 година (550 лица) заради економски, технолошки, структурални и слични промени, што раководството на Телеком ја достави до синдикатот на Компанијата, како што се дознава, бил разгледуван од синдикалниот одбор на седницата во понеделникот. Ваквата иницијатива синдикатот ја оценил како правно нецелосна, бидејќи се повикува исклучиво на членот 95 од Законот за работни односи, но не и на одредбите од Колективниот договор на компанијата, кој предвидува пред прогласување на технолошки вишок да се изготви програма за намалување на бројот на вработени, а која ќе биде усогласена со синдикатот.
Од синдикатот се прашуваат зошто е изоставен Колективниот договор кој се уште е во сила и е акт на компанијата. Колективниот договор на компанијата треба до февруари идната година да биде усогласен со новиот Закон за работни односи. Затоа, од синдикатот упатиле предлог во понеделник да се одржи состанок на кој би се официјализирал почетокот на преговорите за усогласувањето на Колективниот договор.
Вработените кои се посочени дека се вишок, ќе треба до средината на овој месец да се изјаснат дали прифаќаат да заминат од компанијата по предложените услови. Синдикатот писмено ги известил вработените дека социјалните пакети не се резултат на заеднички договор со раководството. Но, затоа пак, ги информирал дека ќе го почитува автономното право на секој вработен да одлучи дали ќе ги прифати или одбие.


Светлана БЛАЖЕВСКА