Од Добра Вода ќе пијат во Ковач и Самоков
Министерот за животна средина и просторно планирање, вчера го посети поречкото село Ковач (над Самоков), во кое наскоро ќе биде пуштена вода за пиење. Станува збор за инвестиција од 20 милиони денари, а дел од неа ќе финансира Министерството за животна средина. Ова како што рече министерот Шапуриќ, за стоте жители на ова планинско село ќе биде од витално значење.
Водата ќе се спроведува од изворот Добра Вода, што се наоѓа на надморска височина од 1800 метри. Протекот на вода ќе изнесува 3 литри во секунда за потребите на жителите на ова село, а еден дел од водата ќе го користат жителите на селото Самоков. Првите литри се очекува да протечат за еден месец.
Министерот Шапуриќ вчера во Планинарскиот дом “Копанки” на Пелистер ја промовираше едукативната патека “Камењарот”, која е изградена со донација на швајцарската влада во вредност од 26 до 30 илјади долари (1,5 милион денари). Покрај патеката се планира да се изгради и видиковец и да се постават клупи и контејнери. Министерот Шапуриќ искажа задоволство од состојбата во која се наоѓа овој национален парк, бидејќи како што рече дури 90 отсто од шумскиот фонд е зачуван. (С.Бл.)