Улицата “Трета македонска бригада” која ги поврзува општините Аеродром и Центар ќе прерасне во булевар. Според проектот, сегашната улица која има само две ленти и често предизвикува метеж, ќе се прошири во булевар долг 2100 метри, со коловоз од 4 ленти и средишно зеленило со широчина од 5 метри.

Почетокот на градежните работи вчера го означија градоначалниците на Град Скопје и општината Аеродром, Коце Трајановски и Ивица Коневски.
Таткото на градот изјави дека во зависност од расчистувањето на имотно-правните односи, кои во голем број се појавиле тука, проблемите многу брзо ќе бидат расчистени, па до крајот на оваа година новиот булевар ќе биде пуштен во употреба.
– Градот Скопје од својот буџет има издвоено средства за реализација на проектот со кој улицата “Трета македонска бригада” ќе прерасне во модерен булевар. Неговата изградба ќе се одвива во неколку фази, односно како што ќе се решаваат имотно-правните односи со сопствениците на околното земјиште. Проширувањето во булевар ќе ги реши секојдневните проблеми со сообраќајниот метеж на оваа улица на жителите од овој дел на градот, како и на луѓето што работат во околните објекти. Ние како Град Скопје настојуваме на жителите на сите општини да им овозможиме два до три влеза до местото на живеење или работење, односно градејќи булевари да им го олесниме движењето низ градот – истакна градоначалникот Трајановски.

Според него, овој булевар е многу значаен за жителите на општина Аеродром поради големиот проток на возила и индустриските и стопански објекти, кои се лоцирани таму.
Градоначалникот Коневски изрази задоволство и истакна дека Аеродром ќе добие уште една широка сообраќајница, која ќе го реши сообраќајниот метеж и ќе обезбеди подобри услови за живот.

На новиот булевар ќе биде поставено ново улично осветлување, фекална и атмосферска канализација, а ќе се изгради и коридор за гасовод, за топлификација, како и коридор за оптички кабли.

(С.Тр.)