Во салата во општината Ѓорче Петров, се одржа работилница на тема “Жените и човековите права”. Учесници на оваа интерактивна работилница беа наставници и ученици од основните училишта во општината. Предавањата ги одржаа претставници од Министерството за труд и социјална политика. Женските права се малку познати кај поголемиот број граѓани, а уште помалку се познати можностите за нивно остварување. Беа спомнати и многуте меѓународни документи во кои се содржат правата на жената во семејството и во општеството. Се дискутираше за стереотипите и предрасудите кои ја поттикнуваат злоупотребата на жените и нивната дискриминација во секојдневниот живот како насилството врз жените, трговијата со жени, непочитување на законските прописи од образовниот процес за редовно вклучување на девојчињата во истиот, неактивност во политичкиот живот и слично. На работилницата учениците и наставниците работеа во групи креирајќи постер на флип-чарт и преку слики и излагања го искажаа своето мислење за темата. Дел од учесниците на оваа работилница пред присутните презентираа проекти кои во изминатиот период на оваа тема биле реализирани во нивните средини. Радува фактот што последниве години се повеќе се обрнува внимание на поголема афирмација на оваа тема.