Еден од најголемите фаворити за победничкиот пехар во Лигата на шампиони, англискиот премиерлигаш Манчестер Сити, би требало да има најлесна задача во 1/8 финалната рунда затоа што за противник го има најдоброто од Украина, тимот на Динамо од Киев.

И покрај убедливиот пораз и срамната елиминација во 5. коло од англискиот ФА Куп, гигантот од “Итихат” важи за апсолутен фаворит поради фактот дека менаџерот Мануел Пелегрини одлучи со вторит тим да го одигра дуелот против Челзи и на тој начин да ги одмори најдобрите фудбалери кои ќе ја стартуваат денешната пресметка во Киев.

Освен подобриот квалитет на играчкиот кадар, Сити важи за фаворит и кога е во прашање моменталната форма затоа што противникот поради зимската пауза нема одиграно сериозен натпревар веќе неколку месеци.

Сигурно дека ќе бидеме елиминирани во 1/8 финалната рунда доколку и во само еден момент помислиме дека ќе ни биде лесно во двата натпревара против Динамо од Киев. Тимот на Малага секогаш ми служи како пример. Сите сакаа да играат против Малага, мислеа дека тоа ќе биде лесен натпревар. Сепак, на крајот елиминиравме неколку европски гиганти. Не е важно против кого играме, важно е каков ќе биде конечниот резултат, важна е нашата игра. Само ако одиграме на потребното ниво ќе обезбедиме пласман во следната рунда, изјави менаџер на Манчестер Сити, Мануел Пелегрини.

Фаворитска улога, но не толку изразена ќе има и шпанскиот гигант Атлетико (М) кој ќе се обиде да забележи позитивен резултат во првиот 1/8 финален дуел против актуелниот шампион на Холандија, тимот на ПСВ.

Јасно е дека има пад во формата на избраниците на Диего Симеоне, но во изминатите неколку години сме биле сведоци како популарните “јорганџии” играат најдобро кога е најпотребно.
Освен во домашниот терен, фудбалерите на ПСВ шансата за позитивен резултат ќе ја побараат во големата поддршка која ќе ја добијат од најверните фанови.

Многу тешка недела за нас, можеби најтешка во актуелната сезона. Одигравме еден физички натпревар против Вилјареал, сега на ред е дуелот против ПСВ, а за неколку дена ќе играме и против градскиот ривал, тимот на Реал (М). Јас ќе бидам презадоволен ако не загубиме и во следните два натпревара. Точно дека Реал (М) е нашиот најголем ривал, но побарав од моите фудбалери да бидат целосно фокусирани на пресметката против ПСВ. Сакам кога играме против тим кој негова офанзивен стил на игра. Ние сме во мала предност поради реванш дуелот кој го играме на домашен терен, но имаме обврска да забележиме позитивен резултат и на гостувањето во Холандија. Да постигнеме најмалку еден погодок е една од зацртаните цели кога е во прашање првиот 1/8 финален дуел, изјави пред натпреварот предводникот на Атлетико (М), Диего Симеоне.