Поранешниот премиер и претседател на опозициската Алијанса за иднина на Косово Рамуш Харадинај е сослушан пред францускиот суд, а рочиштето на кое ќе биде одлучено за негово евентуално екстрадирање во Србија ќе се одржи во четврток на 9 февруари, јави РТС.

Харадинај за Радио Слободна Европа претходно рече дека е повикан да се јави пред судот во Колмар, кому му е предадено обвинението до Србија.

Харадинај во моментот се наоѓа на условна слобода во Франција до одлуката за негово испорачување на Србија, рече дека верува оти судот следната недела ќе го затвори неговиот случај и дека ќе му биде овозможено да се врати во Косово.

Францускиот суд во Колмар му го одзеде пасошот и нареди двапати неделно да се јавува во надлежната полициска управа.

Харадинај беше уапсен на 4 јануари на границата помеѓу Швајцарија и Франција по потерница издадена од Србија.

Истрагата против Харадинај е започната во 2004 година, судено му е во Хашкиот трибунал за воени злосторства, но во 2012 година беше ослободен од сите обвиненија.

Во Франција е уапсен по налог издаден од Србија пред 11 години, а поради сомневање дека во 1998 и 1999 година сторил воени злосторства врз неалбанско население во време кога беше еден од командантите на ОВК.

Сега Србија го бара поради злосторства кои не беа опфатени со обвинението од Хашкиот суд по кое Харадинај е правосилно ослободен.

Раководителот на српското Обвинителство за воени злосторства Милан Петровиќ претходно изјави дека по новите обвиненија за случајот Харадинај би можел да постапува Специјалниот суд за Косово во Хаг.