Државниот пазарен инспекторат во петокот имаше вистинска “хајка” против пиратеријата по цедетеките и видеотеките низ земјата. Целта на инспекциски надзор на продажни објекти и видеотеки, од аспект на заштита на авторските и сродни права, беше спречување на продажба и издавање на пиратски изданија на музички и аудиовизуелни дела и компјутерски програми снимени на тон и на тон и слика. Инспекцискиот надзор се одвиваше организирано низ подрачјето на Република Македонија, каде што беа контролирани 127 објекти, при што беа одземени 14.851 пиратски производи. Во Скопје се контролирани 22 субјекти од каде што се одземени 4796 производи, во Охрид се контролирани 11 субјекти и се одземени 559 производи, во Гостивар се контролирани 16 субјекти и се одземени 1139 производи, во Струмица се контролирани 24 субјекти од каде што се одземени 1028 производи. Инспекциски надзор е извршен и во другите градови каде што, исто така, се одземени пиратски изданија.