“Радо банка” е на чекор пред ликвидација. Вчера, гувернерот на Народната банка на Македонија и ја одзеде дозволата за работа , а од завчера вечер блокирани се сите сметки во банката, дознава “Вечер” од официјални извори во Народната банка на Македонија. На решението на гувернерот за одземање на дозволата, банката има право на жалба во рок од осум дена по што согласно со Законот за банките, се прогласува стечај и ликвидација. Ваквата мерка, потврдуваат од Централната банка, е донесена поради тоа што “Радо банка” веќе извесен период се соочува со неликвидност и неможност да ги извршува налозите за плаќање. Како што дознаваме, во оваа банка на име на депозити на граѓани и фирми има вкупно 333 милиони денари или 5,4 милиони евра. Штедачите, согласно со Законот ќе бидат обесштетени преку Фондот за осигурување на депозити, каде што Радо е членка, додека фирмите ќе се обесштетуваат од стечајната маса. За состојбите во Радо, вчера првиот човек на Банката, Сузана Тунтева не беше достапна за јавноста, додека гувернерот на НБРМ, Петар Гошев, потврди дека оваа Банка има сериозни проблеми “НБРМ ја следи и презеде мерки со цел да ги заштити штедачите”, вели Гошев. “Радо банка” е во сопственост на контраверзниот бизнисмен од Србија Јовица Стефановиќ – Нини, кој во македонскиот банкарски систем влезе во времето на ексгувернерот Љубе Трпевски.


Весна М. БОЖИНОВСКА