Во Германија, стапката на т.н. фактор на репродукција на вирусот опаднала на 0,7, со што е постигната голема цел на германската влада бидејќи тоа значи дека секое инфицирано лице сега статистички може да зарази помалку од едно лице.

Кон почетокот на март, овој важен фактор изнесувал 3, а од 8 април опаднал на 1,3, со одредени флуктуации.

Претседателот на Институтот за инфективни болести “Роберт Кох” (РКИ), Лотар Вилер, во вторникот изјави дека за спречување на епидемијата е потребно факторот на репродукција на вирусот да се спушти под 1, а тогаш беше на 1,2.

Исто така и германската канцеларка Ангела Меркел, во текот на најавата за попуштање на рестикциите истакна дека веќе малата промена на факторот на репродукција може да има значајни последици.

Вилер, инаку, истакна дека за попуштање на мерките не е важен само овој фактор туку и уделот на имуни луѓе помеѓу населението, како и капацитетот на здравствениот систем.

Спред проценките на РКИ, во Германија околу 81.000 лица ја преболеле инфекцијата. Според денешните податоци, вкупниот број на заразени достигна цифра од 133.830, а повеќе од половина веќе закрепнале.

За 24 часа, од Ковид-19 починаа 299 лица, со што вкупниот број на жртви се искачи на 3.868.