Пожар опустоши едно наградувано луксузно одморалиште на приватен остров на Малдивите, пренесува РТ. Видеата од местото на настанот покажуваат како пламенот ги голта вилите додека луѓето во паника викаат во позадина. Не се пријавени повредени или загинати.

Луксузното, изолирано одморалиште Гили Ланканфуши, лоцирано на 20 минути возење со глисер од меѓународен аеродром во Мале, главниот меѓународен аеродром на Малдивите, се запалило во средата околу 23 часот по локално време.

Досега не е јасно што предизвикало пожарот, а сите гости и вработени се евакуирани од островот и им е обезбедено засолниште. Степенот на штетата предизвикана во одморалиштето допрва треба да се процени по завршувањето на темелната истрага.

Судејќи според видеата од местото, луксузното одморалиште опкружено со киристално чиста сина вода од лагуната најверојатно е изгорено до темел. Одморалиштето се гордееше со фактот дека е изградено од еколошки материјали и во автентичен дизајн.

Минатата година, хотелот беше рангиран меѓу првите пет најдобри хотели на светот од страна на TripAdvisor, и беше најдобар хотел на Малдивите.

извор: Makfax