Стрелците не се прославија во неделните натпревари од 9. коло на шпанската Примера. Но и домашните екипи не можат да се пофалат дека беа посебно успешни. Победата на Реал (М) против Гетафе, секако, е очекувана, но средбата ќе биде запаметена по продолжување на блескавата серија на Мајкл Овен. Поранешниот играч на Ливерпул врза четири средби во кои постигна по еден гол. Во листата на стрелците се запиша и Роналдо. Шок на денот доживеа Севилја. Тимот од Андалузија се опушти на чекор до врвот, па налета на расположената Сарагоса, која со три гола ги обезбеди трите бода со што овие два клуба се единствени со максимален учинок како домаќини. И вториот клуб од Севилја не беше успешен, откако Бетис одигра само реми со Малага. Депортиво се посрамоти, бидејќи пред својата публика одигра без голови со просечното Албасете, на кое му се тресеше пречката, додека на “Монжуик”, исто така, немаше погодоци во очекуваната тврда средба меѓу Еспањол и Вилјареал. Првиот пораз дома го доживеа Осасуна. Непредвидливото Леванте со неочекуваниот триумф во Памплона се вивна високо на табелата, па ќе биде интересно да се види како ќе игра екипата од Валенсија во продолжението на првенството.