Уставните нацрт-амандмани денеска беа доставени до Собранието, а собраниската седница на која ќе се разгледуваат е закажана за први декември, сабота.

Во нацрт – амандманите се вметнати забелешките на независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, со кои се зајакнува македонскиот идентитет, јазикот и културата.

Ова е целиот текст на нацрт-амандманите XXXIII, XXXIV, XXXV И XXXVI на Уставот на Република Македонија:

Овие амандмани се составен дел на Уставот на Република Македонија и влегуваат во сила со денот на влегување во сила на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 г. и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните и ратификацијата на Протоколот за членство во НАТО од Република Грција.

АМАНДМАН XXXIII

Во Уставот зборовите „Република Македонија” се заменуваат со зборовите „Република Северна Македонија”, а зборот „Македонија” се заменува со зборовите „Северна Македонија”, освен во член 36.

АМАНДМАН XXXIV

Во Преамбулата на Уставот на Република Македонија зборовите „одлуките на АСНОМ” се заменуваат со зборовите „Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ”, по зборот „година” се додаваат зборовите „и на Охридскиот рамковен договор”, а се бришат зборовите „одлучија да”.

АМАНДМАН XXXV

Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави.
Со точката 1 на овој амандман се дополнува членот 3.

АМАНДМАН XXXVI

Републиката го штити, гарантира и негува историското и културното наследство на македонскиот народ.
Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство и ги унапредува нивните врски со татковината.
Републиката се грижи за припадниците на македонскиот народ кои живеат во странство.
Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.
Со овој амандман се заменува членот 49 од Уставот на Република Македонија.

Извор: сдк