Екипата на “Вечер” викендов имаше за задача да ја пронајде куќата со број 7 на улицата “6 Април” во Куманово, сопственост на нашиот нов добитник, Стојчо Митевски, кому му ја предаде неговата вредна награда. Тој работи како наставник по руски јазик веќе 39 години, а може да се случи паричната добивка да биде и подарок за неговата пензија, иако тој ја сака својата работа и има желба да продолжи да предава. Купоните од наградната игра ги собирал сам и ги испраќал, секако со надеж дека ќе биде извлечен. И ете, се случи токму тој да биде извлечен како наш 35. добитник. Осумте илјади денари за него ќе бидат како 13. плата, а ќе ги искористи за двете ќерки. Но тие сигурно нема да добијат толку многу, како што ќе добие неговата тригодишна внука. “Многу ја сакам мојата внука и сегде одам со неа”- ни рече новиот добитник, кој си доби награда како благодарност за неговата 40- годишна верност како читател. “Вечер” е неговиот омилен весник. “Многу го сакам весникот, го купувам и го чувам со години. Не сакам да читам други весници. “Вечер” сум читал и кога имал само 4 ливчиња, а и сега кога на мое лично задоволство, излегува на 40 страници. Навистина, вреди и има што да се прочита. И мислам дека на насловната страница повторно треба да стои натписот: -Автентичен дневен весник”- ни рече новиот добитник, кој навистина има архива од старите броеви и му е жал што сега, поради купоните од наградната акција, ќе мора да сечи едно парче од весникот.