x

Ова е КАПЕТАНОТ Мрме кој ја однесе Македонија на ЕП!

mrme

Игор Ангеловски е првиот наш селектор, инаку 13-ти по ред во самостојна Македонија, кој ја однел нашата репрезентација на големо натпреварување. По триумфот вчера во Тбилиси против Грузија со 1:0 на неговите избраници, Македонија е во еуфорија, Македонија конечно доживеа да се радува на фудбалски успех.

На 12 ноемвври 2015 година против Црна Гора дебитираше како селектор, еве на 12 ноември 2020 година ја однесе Македонија на ЕВРО.

Понекогаш оспоруван поради неговата младост и демек фудбалско неискуство, тој си ја тераше својата „приказна“, уверен во тоа што го работи. За разлика од некои тој ја има таа доза на спортска дрскост да каже што мисли, без разлика дали некогаш и не бил во право. Барем има став за сите прашања. Нема комплекси зошто не бил фудбалски репрезентативец, знае што сака. Во 2013 година почна како тренер на Работнички со освоена двојна круна, а две години подоцна стана и селектор.

Бројките одат во негов прилог. Најмногу победи, најдобар коефициент на победи во однос на натпревари, рекордер по број на натпревари, се во суперлатив. Успеа од репрезентацијата да направи фамилија како што тој милува да каже. Успеа да го врати Пандев, успеа да ја натера Македонија да дише фудбалски. Кога станува збор за репрезентацијата и добрата атмосфера тука не прави никаков компромис.

Тој е КАПЕТАНОТ кој Македонија ја однесе на ЕП. Посакуваме уште многу вакви радости и од други селектори, но Мрме ќе биде запишан како првиот.

По проспената ноќ или утро, ако се знае кога дојде експедицијата од Тбилиси, Мрме за СПОРТМЕДИА истакна…

Немам што многу да додадам а да не се повторувам со тоа што сум го кажал во текот на изминатите десеина часови. Јасно е дека сум среќен, горд на репрезентативците, тие се најзаслужните. Им благодарам. Лично бескрајно сум благодарен на моите најблиски за поддршката. На мојата сопруга Тања и децата Лука, Луна и Леа. Посебна благодарност за тоа што сум сега до мојот покоен татко Коле, кој почина кога јас имав 21 година. Можеби од некаде, од таму горе, и тој се радува на мојот успех, на успехот на фудбалска Македонија. Тоа е тоа што не го кажав досега. И да завршам со зборовите – радувај се Македонијо, биди горда Македонијо“ потенцираше Ангеловски.

sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата