Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор, на електронскиот систем за јавни набавки на Бирото за јавни набавки објави тендер за изработка на архитектонско урбанистичка планска документација за објект Дом на спортови во Скопје на ГП 1.7 локалитет И14 во општина Аеродром.

Како што се наведува, право на учество имаат сите странски и домашни правни или физички лица или група такви лица-понудувач кои се регистрирани за вршење на дејноста поврзана со предметот на договорот. Рангирањето на понудувачите ќе се врши според квалитетот на понуденото решение и цената на понудените цени.

Изградбата на Домот на спортови е клучен проект во делот на спортската инфраструктура со цел обезбедување услови за непречена работа, функционирање на спортските федерации и подигнување на спортскиот стандард и условите за работа на спортските субјекти во државата.

Домот на спортовите ќе се гради на територија на општина Аеродром и за таа намена во првата фаза се обезбедени 75 милиони денари од Буџетот, а останатите средства ќе се обезбедуваат етапно.

извор: Makfax