Во рамките на четвриот пакет економски мерки, денес се објавени јавните повици за издавање на грантови за центри за странски јазици и за едукативни центри за деца, на кој може да се пријават сите регистрирани субјекти кои работат во оваа дејност.

Согласно јавниот повик регистрираните центри за странски јазици и едукативните центри за деца, може да аплицираат за финансиска поддршка-грант до 24-ти декември до 23:59 часот, на електронската пошта: [email protected], со што добиваат можност за еднократна финансиска помош, во вредност од 43.500 денари по вработен.

Во прилог на барањето за финансиска поддршка преку електронска пошта, правните субјекти треба да ги приложат и следните документи:

· тековна состојба (документ од Централен регистар не постар од 3 (три) месеци;

· уверение за платени даноци и придонеси од УЈП не постаро од 3 (три) месеци и

· список на вработени по даночен обврзник заверен од АВРСМ не постар од 15 (петнаесет) дена.

„Напоменуваме дека барањата за финансиска поддршка за центрите за странски јазици и едукативните центри за деца ќе се разгледуваат по принципот „прв дојден прв услужен“, а барањата кои нема да бидaт комплетни ќе ги заземат последните места по реден број на поднесување на датумот на комплетирање на барањето“, соопшти Владата.

За потврда на веродостојноста на податоците во поднесената документација Владата на Република Северна Македонија ќе изврши проверка со Управата за јавни приходи и Агенцијата за вработување на Северна Македонија.

За разгледување на поднесените барања од центрите за странски јазици и едукативни центри за деца, од страна на Владата е формирана Комисија која ќе ги разгледува поднесените барања и ќе изготви листи на поднесени барања.

Листата на одобрени барања на средствата за грантови за центри за странски јазици и за едукативни центри за деца ќе биде објавена на веб страната на Владата на Република Северна Македонија.

На следните линкови се објавени јавните повици за: Центри за странски јазици и Едукативни центри за деца.

извор: Makfax