Имаме мандат да го оценуваме и да го набљудуваме референдумскиот процес, а не да се мешаме во него, изјави Јан Петерсен, шеф на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР.

„Наша улога е да го набљудуваме процесот, а не да се мешаме и да даваме тековни коментари. Ние сме непристрасни“, рече тој.

Според шефот на набљудувачката мисија, тие се заинтересирани за целокупниот процес, а не само за резултатот. Рече дека поголемиот дел од тимот пристигнал во Скопје вчера и дека денеска им е прв работен ден. Додаде и дека не дошле во земјава со конкретна агенда, туку затоа што се поканети од властите.

Петерсен рече дека за 6 до 8 недели по референдумот ќе издадат извештај со препораки.

Нагласи дека клучниот тим е составен од 13 експерти од 10 земји, на кои ќе им се приклучат уште неколку тимови кои ќе бидат распоредени во неколку градови во земјава.

Петерсен подвлече дека нивната улога е да го следат целиот процес – водење на кампањата, нејзиното финансирање и медиумско покривање. На крајот, потенцираше дека мисијата на ОБСЕ/ОДИХР е целосно независна од мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Сашка Додевска

извор: Makfax