ОБСЕ бара чаре за локалните радија
ОБСЕ ќе го советува Советот за радиодифузија како да ги трансформира локалните радија во земјава. Двајца претставници на Мисијата веќе подготвуваат анализа во која треба да се најдат предлози за моделот според кој ќе се преобразат сите 29 локални радија. Анализата во текот на идната недела ќе биде доставена до Советот за радиодифузија, кој треба да ги разгледува предлозите на седницата што е закажана за 19 мај. Одлуката за трансформација треба да биде донесена најдоцна до 29 мај, по што почнува да тече законскиот рок од шест месеци во кој радијата треба да се трансформираат. Ако во тој рок не се реши нивниот статус тие ќе згаснат. Законот за радиодифузија предвидува три модели за преобразба на локалните радија. Директорите и синдикалните организации на сите радија сметаат дека најдоброто решение за нив е да се приватизираат во акционерски друштва, во кои вработените ќе бидат акционери. И синдикатот на ГИФИХ предлага радијата да се приватизираат, но предупредуваат на проблем поради тоа што основачите на овие претпријатија се различни правни субјекти. “Некои се формирани од Собранието, некои од општините, а некаде како основач се јавува Македонската радиотелевизија (МРТВ). Поголемиот дел од радијата ја прифаќаат алтернативата да се приватизираат како акционерско друштво. Меѓутоа, во Законот за радиодифузија не е наведено на кој начин и под кои услови тие ќе станат приватни”, вели секретарот на ГИФИХ, Милка Манева.
За локалните радија, пак, неприфатливи се другите две опции што ги нуди Законот, а тие се да се трансформираат во непрофитни организации или пак да станат регионални профитни центри на МРТВ. Илчо Лазаровски од Радио Кочани вели дека мора брзо да се најде решение за трансформација на радијата, бидејќи по 29 мај веќе нема да им се префрлаат пари од радиодифузната такса.
“Досега локалните радија добиваа пет проценти од радиодифузната такса што е околу два милиони евра годишно. Сега тие пари ќе и се префрлаат на МРТВ. Бидејќи други средства за работа немаме, ќе мора што поскоро да ни се реши статусот, инаку ќе згаснеме”, вели Лазаровски.
Борис Начовски од радио Битола вели дека не сакаат да станат непрофитно радио, бидејќи тоа значи работење за без пари. “Ако станеме дописни центри на МРТВ ќе згасне програмата, која локалните радија ја емитуваа. Во тој случај МРТВ би задржале двајца до тројца новинари, а останатите ќе останат без работа. Тоа за вработените во радио Битола е неприфатливо”, вели Начовски. ГИФИХ бара при донесувањето на конечната одлука за моделот на трансформација, Советот за радиодифузија да го земе предвид и ставот на вработените. Овој синдикат бара на вработените да им се исплатат сите заостанати плати и надоместоци. “Вработените во радијата треба да тужат, ако основачите не им ги исплатат платите и придонесите”, предлага ГИФИХ.
Светлана БЛАЖЕВСКА