“Министерот за економија Фатмир Бесими не е сменет од владиниот преговарачки тим со Косово. Тој останува во него, но не како координатор, туку како најодговорен во економскиот дел на преговорите. Паралелно со тоа, владиниот тим за Косово е зајакнат со вицепремиерот Минчо Јорданов и министерката за надворешни работи Илинка Митрева, кои секој со својата логистика ќе ја зајакне македонската позиција во наметнатиот спор со царините и визите од Косово. Ова е полуофицијалниот став на неколку владини функционери, кој вчера беше протурен до јавноста со цел донекаде да го неутрализира “тврдиот брифинг” на портпаролот на Бучковски Марјан Ѓуровски. Имено, пред два дена Ѓуровски изјави дека има рокада на кормилото на преговарачкиот тим на Владата, односно дека сега прв човек ќе биде вицепремиерот Минчо Јорданов, на местото на Фатмир Бесими. Наводно, до ваквата смена доаѓа поради ставот на Владата дека Бесими не го прави тоа најдобро во полза на Македонија. Дали станува збор за ненамерна грешка или преостар речник на владиниот гласноговорник, или, пак, провокација од врвот на Владата, вчера никој не сакаше да коментира. Самиот Бесими изјави дека останува прв човек во преговорите во економскиот дел. Обид за “бај-пасирање” на министерот Фатмир Бесими, конкретно од компаниите кои работата на Косово имало и досега, при што се барале интервенции директно од други владини министри, потврдуваат извори за “Вечер”. Сепак, Бесими високо котира на “реформската” листа на Владата, но и пред меѓународните фактори и не доаѓа предвид негово тргнување од тимот, туку само проширување на логистиката и засилување на преговарачката позиција на Македонија со УНМИК околу заострување на односите со овој сосед.


Виолета ЦВЕТКОВСКА