Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, вчера го посети средното училиште на Град Скопје Панче Караѓозов” каде што во текот на летниот распуст ќе се изврши реконструкција на покривот на училишната зграда.
– Градот Скопје како и изминатите неколку години, така и годинава од својот Буџет ќе издвои околу 32 милиони денари за реконструкција 21 средно училиште во текот на летниот распуст. Од овие средства 18 милиони денари ќе се инвестираат во проекти коишто ќе ја подобрат енергетската ефикасност на училиштата, односно ќе се изврши замена на столаријата и реконструкција на старите покриви на училишните објекти. Преостанатите средства ќе се искористат за реконструкција на санитарните јазли, замена на дотраената електрична инсталација и реконструкција на подовите во училниците и во фискултурните сали. Од одвоените средства, 5 милиони денари ќе се инвестираат во ова училиште каде што ќе биде извршена целосна замена на покривот, а на учениците ќе им се обезбедат услови за одржување квалитетна настава. Денес можете да забележите дека некои од училниците по обилните дождови се во толку лоша состојба што не можат да се користат за одржување настава, истакна градоначалникот Трајановски.
Минатата година за покривање на дел од училишната зграда на СУГС Панче Караѓозов” се потрошени 1,5 милиони денари. При овој зафат со ребреста ламарина е покриена површина од 520 квадратни метри.
Оваа година ќе се покријат двете ламели каде што се сместени училниците, коишто се со површина од 1.450 квадратни метри и 825 квадратни метри, односно со вкупна површина од 2.275 квадратни метри.