“Со длабоко жалење би сакал да Ве информирам дека повеќе не сум во можност да ги преземам обврските на Ваш советник за економски прашања.
И понатаму цврсто верувам дека националната безбедност и стабилност се зависни од економскиот пораст и создавањето нови работни места. Како што знаете, јас постојано и упорно се трудев да советувам за прагматични мерки и активности, кои би постигнале резултати на краток и долг рок. За жал, моите напори не вродија со плод”. Со овие зборови бизнисменот Светозар Јаневски завчера се повлече од местото советник за економски прашања на премиерот Владо Бучковски. Како што соопшти Кабинетот на претедателот на Владата, ова било договорено на завчерашната средбата на која се разговарало за нивната соработка во рамките на Владата. Јаневски поднел оставка, која Бучковски ја прифатил, заблагодарувајќи му се за досегашна соработка.
Во своето писмено обраќање до Бучковски, Јаневски потенцирал ”Како мој последен совет, би кажал дека сите членови на Владата на Република Македонија треба да ги разберат проблемите со кои се соочува нашата земја. Како претседател на Владата, Вие треба да настојувате да ги обедините сите нејзини членови зад една заедничка визија за Република Македонија, која на своите граѓани ќе им донесе економски пораст, просперитет и надеж.
За жал, поради моменталните обврски и посветеност на голем број други прашања, чувствувам дека нема да можам активно да Ви помогнам да ја постигнете таа цел. Се разбира и понатаму останувам да Ви стојам на располагање доколку сметате дека можам да дадам релевантен придонес кон заедничката визија”
Со ова, како што стои во официјалното владино соопштение, се отфрлаат одредените шпекулации и конструкции за привилегираната положба на Јаневски затоа што беше советник за економски прашања на премиерот. Ако постојат отворени прашања во јавноста поврзани со работењето на Јаневски, велат во Кабинетот на Бучковски, тие ќе се решаваат по институционален пат, со целосно почитување на институциите на системот и законите. Заеднички е констатирано дека досега беспредметно и неосновано се ставаше во каков било контекст позицијата на Јаневски како советник за економски прашања на премиерот, се вели во обраќањето до јавноста по повод оставката на Јаневски.