Пратеникот Зијадин Села го преживеал крвничкиот напад во Собранието на 27 април само затоа што напаѓачите мислеле дека е веќе мртов. Со вакво тврдење Јавното обвинителство го стартуваше судскиот процес во кој 10 лица се обвинети за обид за убиство. Ова кривично дело Обвинителството ќе го докажува преку прибавените фотографии, видео-снимки и искази на сведоци.

За сериозноста на повредите кои му биле нанесени на Села, обвинителството има подготвено и вештачење од Инситутот за судска медицина.

На стартот на судењето сите 10 обвинети лица пак се изјаснија за невини. Дел од нив тврдеа дека воопшто не го нападнале пратеникот, туку се обидувале да му помогнат, а во текот на постапката нивните адвокати ќе го докажеле тоа. Според одбраната обвинетите на 27 април влегле во Собранието поради измешани чувства од незаконскиот избор на Џафери, а обвинителството нема доволно докази за кривичното дело кое им се става на товар.

Иако поканет, на денешното рочиште не присутствувеше пратеникот Зијадин Села, но неговиот адвокат најави побарување за надомест на нанесената штета.

На следното рочиште закажано за 8 февруари, за крвавиот напад лично ќе сведочи пратеникот Зијадин Села и вештаци од судска медицина. Во текот на постапката како сведоци ќе бидат повикани и неколкумина пратеници, спикерот Талат Џафери и новинари кои на 27 април биле во Собранието.

[video:https://www.youtube.com/watch?time_continue=2&v=BKTJKF7UHSQ autoplay:0]