По најавата од ОЈО дека лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски ќе биде повикано лице затоа што не смее да поседува материјали од истрагата за Рекет, се поставува прашање дали истиот принцип ќе важи и за други луѓе кои не само што поседуваат туку и објавуваат делови од истрагата за која се притворени Катица Јанева, Боки 13 и Зоки Кичеец.

Ова прашање пред се се однесува на обвинителката и шефица на одделот за организиран криминал во ОЈО Вилма Русковска.

Таа во јули во емисијата Код на Телма откри детали од истрагата кои не смееле да излезат во јавност.

Се повика на мислењето на Венецијанската комисија, дека кога е јавен интерес во прашање, и нелегални снимки можат да бидат доказ во кривична постапка.

Тогаш Русковска јавно објави дека на снимките се слуша гласот на Катица Јанева.

“Гласот на Катица Јанева се слушал во снимките кои бизнисменот Орце Камчев ги доставил до обвинителството, потврди обвинителката Вилма Русковска за емисијата КОД на ТВ Телма”, објави тогаш емисијата на Снежана Лупевска.

Од транскриптот на разговорот меѓу КОД и Русковска јасно се гледа дека обвинителката открива делови од истрагата поради што сега ако се води од принципот по кој го третира Мицкоски ќе мора сама себе си да се повика на распит.

Транскрипт

КОД: Дали на тие снимки се гледа како осомничените го прават тоа (изнуда) или ја повикуваат Катица Јанева?

Русковска: Па се гледа, а и се слуша.

КОД: Ја повикуваат Катица Јанева, се слуша такво на снимките? Дека и се јавуваат, да потврди нешто?

Русковска: Видете, не можам да зборувам за детали од доказите со кои располагаме. Се слуша разговор со јавен обвинител.

КОД: Пуштен на интерфон?

Русковска: Да.

Сепак, обвинителството не нашло доволно докази освен Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоран Милевски Кичеец, во притвор да се најде и Катица Јанева, како осомничена во случајот „Рекет“.

Извор: експрес.мк