Обвинетите во ТНТ за уривање на големиот станбено-деловен комплекс „Космос“ на Фијат Цаноски, побараа изземање на Катица Јанева од случајот. Тие се сомневаат за поврзаност на директор на градежна фирма за кој било повлечено обвинението во ТНТ, со случајот „Рекет“.

Во моментов е актуелен случајот ’Рекет‘ не само овде, туку и во целиот свет. Ние во поднесокот за изземање објаснуваме за фирмата ’Дрим билдинг‘, каде овластено лице е Адриан Амзоски, инвеститор во ’Космос‘. Во делот на сумата ова лице преку ’Дрим билдинг‘ има уплатено средства на организацијата ’Меѓународен сојуз‘, каде претседател е лицето Бојан Јовановски. Уплатената сума од над 16 милиони денари, е повисока од вкупниот годишен приход на ’Дрим билдинг‘ – рече обвинетиот ексградоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски.

Судијата Огнен Ставрев им кажа на обвинетите дека Катица Јанева, ако е во постапка, таа е во друга постапка и оти друго обвинителство и секако судот ќе си каже за таа истрага.

Јанева не ни е предмет на расправа – рече Ставрев.

Но, среде постапка Јанева го повлече обвинението против Амзоски. Имаше обвинение и против него. Има индиции за поврзаност и за постоење одредени докази за истрагата за ’Рекет‘, кои може да се упропастат со ова судење. Апелирам првин да се изјасните за изземање на Јанева, па после да продолжиме – рече Трајковски, но Ставрев му кажа да седне на местото, најави дека подоцна ќе го разгледа барањето кое денеска обвинетите му го дале буквално една минута пред да влезе во судницата и повика сведоци.

Покрај Трајковски, обвинети се уште екс министерот Миле Јанакиески, екс премиерот Никола Груевски и четворица вработени во општината.