Скопското Основно јавно обвинителство поднесе обвинение против 33-годишник од Чаир кој минатиот месец со пиштол пукаше кон станот на своите соседи.

Тој се товари дека сторил кривично дело – предизвикување општа опасност.

Имено, обвинетиот на 24 јуни предизвикал опасност за животот и телото на тројца оштетени.

Додека оштетените седеле во стан на улицата „Никола Грчето“ во Чаир, нивниот 33-годишен сосед, дошол на вратата и започнал да тропа, обидувајќи се насилно да влезе.

Во обидот не успеал, бидејќи вратата била заклучена, па започнал да им се заканува.

Потоа се симнал во дворот позади зградата и од таму започнал со пиштол да пука кон прозорците и фасадата на станот на оштетените. Од пиштолот од непозната марка испукал осум куршуми со калибар 6,35 милиметри.

За да не бидат повредени, оштетените се скриле во спалната соба и настанот го пријавиле во полиција.

Ценејќи дека и натаму постојат законски основи поради кои на обвинетиот првично му беше определена мерка притвор, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за продолжување на притворот.​

извор: Makfax