На протестите во Белград на 7 јули поради најавата за затегнување на епидемиолошките мерки, полицијата пушти солзавец произведен во 1990 година кај демонстрантите, што предизвика вознемиреност кај граѓаните, но и опозициските партии.

За време на растерувањето на насобраните демонстранти пред зградата на српскиот парламент и судирите со демонстрантите во центарот на Белград на 7, 8 и 9 јули, испукани се десетици канистри со солзавец, кои можеле да се најдат на улиците по завршувањето на судирите. Новинарите на Радио Слободна Европа (РСЕ) снимиле канистри со ознака „Куршум 38мм МН-01 ЦС“.

Како година на производство на некои канистри е наведена 2012, но пронајдени се канистери произведени пред триесет години, односно во 1990 година.

Во описот на производот наречен „хемиски куршум за неутрализација МН-01“, на веб-страницата на компанијата „Трајала“, која произведува експлозиви и пиротехнички средства, се вели дека пиротехничкото средство е наменето за привремено онеспособување на незаштитени лица на отворен и затворен простор.

Техничките карактеристики наведуваат дека рокот на траење на солзавецот е пет години, односно дека е најдобро да се користи во тој период.

Компанијата не одговори на прашањето на РСЕ што се случува со составот на солзавецот и неговите ефекти ако рокот на траење истекол пред 25 години.

Проблемот го покренаа граѓаните на социјалните медиуми, кои исто така објавија фотографии од канистери, а полициските акции на протестите во Белград беа осудени од невладини организации и опозициски партии.

Движењето „Слободни граѓани“ на 11 јули објави дека рокот на траење на солзавецот е пет години, по што следува промена во хемискиот состав и потоа отровот станува посилен.

Поранешниот шеф на Националниот центар за контрола на отрови во Воената медицинска академија, токсикологот Драган Јоксовиќ, рече дека солзавецот на протестите во Белград создал идеални услови за ширење на сите инфекции, а особено за коронавирусот кој сега најмногу циркулира.

извор: Makfax