x

НХЛ ќе продолжи директно со плеј-оф во кој ќе играат 24 екипи!

Извршниот одбор на Здружението на играчи во НХЛ лигата даде зелено светло за предлогот со кој 24 екипи ќе играат во плеј-офот на конференцијата, кога сезоната ќе продолжи по паузата поради пандемијата со коронавирусот.

„Извршниот одбор даде дозвола за понатамошни преговори со НХЛ за форматот во кој 24 екипи би учествувале во борбата за Стенли Купот. Остануваат да се договорат некои детали и договорот за форматот ќе зависи од сите вклучени страни кои ќе се согласат“, се вели во соопштението.

Според тој план, четворица носители од секоја конференција, кои ќе бидат утврдени со количник од освоените поени во моментот кога сезоната беше запрена на 12 март, ќе бидат слободни во првата рунда од плеј-офот. Другите екипи ќе се борат за место меѓу најдобрите осум во секоја конференција и тие серии ќе се играат до три победи, додека големото финале ќе биде на четири победи.

Следниот чекор е НХЛ да го одобри форматот, што може да се случи во наредните неколку дена. Засега не е познат планот за враќање на тренинзи, бидејќи сè уште не е постигнат договор кога ќе продолжи сезоната, што е посебна тема во однос на форматот. Останува да се договори каде ќе се играат натпреварите и како играчите ќе бидат тестирани.

Според предложениот план, плеј-офот во НХЛ лигата би изгледал вака:

Исток:

Носители: Бостон, Тампа Беј, Вашингтон, Филаделфија.

Првата рунда на плеј-оф: Питсбург – Монтреал, Каролина – Њујорк Ренџерс, Њујорк Ајлендерс – Флорида, Торонто – Колумбус.

Запад:

Носители: Сент Луис, Колорадо, Вегас, Далас.

Прва рунда на плеј-оф: Едмонтон – Чикаго, Нешвил – Аризона, Ванкувер – Минесота, Калгари – Винипег.

sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата